Борче Ристевски се соочува со 20-годишна затворска казна

Борче Ристевски можеби никогаш нема да објасни како ја убил својата сопруга Карен, откако се изјасни за виновен за убиство без умисла, пишува австралиски „Њуз“.

Тој го даде признанието откако случајот на обвинителството се распадна, кога судијата одлучи оти пренесувањето на телото на Карен и лажните изјави кон полицијата, нема да бидат прифатени како докази, што беа потребни за тој да биде осуден за убиство. Македонецот од Мелбурн на тој начин избегна доживотна затворска казна.

– Тој има право да молчи, па дури и на неговото излагање не мора да дава докази – велат упатените во случајот.

Максималната казна за убиство без умисла изнесува 20 години, но правните експерти сугерираат оти Ристевски би можел да добие поблага казна.

Излагањето на обвинителството и на одбраната на кое Ристевски ќе има можност да се обрати пред судот, во пресрет на изрекувањето на пресудата, е закажано за 27 март.

Ристевски се соочи со обвинението за убиство на тогаш 47-годишната сопруга Карен, која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон во северен Мелбурн, каде што нејзините останки биле пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година. М.Ж.

Карен (лево) заедно со Борче и со нивната ќерка Сара