Се верува дека лидерот на Исламска држава (ИД), Абу Бакр ел-Багдади, е убиен во американска воена операција во Сирија, пренесоа светските агенции.

Неименуван американски претставник за агенцијата „АП“ изјави дека ел-Багдади синоќа бил цел на напад на нивните сили во Идлиб и дека се очекува потврда оти тој е убиен во акцијата на американските специјалци.

Американскиот претседател Доналд Трамп, синоќа на Твитер напиша: „Нешто големо штотуку се случи“.

Портпаролот на Белата куќа, Хоган Гидли, изјави дека Трамп во текот на денот ќе има обраќање по овој повод.

Ирак, од друга страна, за „Ројтерс“ веќе потврди дека има информација од свои извори во Сирија според која ел-Багдади е убиен, во напад на американски специјални единици врз ќелија на групата.

– Нашите извори од Сирија на разузнавачите им потврдија дека тој е убиен, заедно со неговиот личен телохранител, откако неговото скривалиште во Идлиб било откриено, додека се обидувал да го извади своето семејство од регионот и да ги одведе кон турската граница – изјавил ирачкиот извор од Сирија.

ДПА јави дека ел-Багдади бил нападнат во рација во северозападна Сирија, а ЦИА помогнала во неговото лоцирање.

„Њузвик“, исто така, објави за рацијата, додавајќи дека неа Трамп ја одобрил уште пред една недела.

Конечната потврда се чека по спроведените ДНК и биометриски тестирања, изјавија извори за Си-ен-ен.