Во турскиот парламент денеска изби тепачка помеѓу членовите на владејачката партија на претседателот Реџеп Таип Ердоган и најголемата опозициска партија, за време на напната дискусија за воената вклученост на Турција во северозападна Сирија.

На видеата може да се видат десетици пратеници на двете партии кои се туркаат едни со други, разменуваат удари, додека некои се обидуваат да ги разделат, објави агенцијата АП.

Според турската телевизија „Хабертурк“, некои од пратениците паднале на земја за време на тепачката.

Пресметката започнала откако Енгин Озкоч од опозициската Републиканска народна партија излегол на говорницата, а претходно на прес-конференција изјавил дека Ердоган е „нечесен предавник“.

Претходно, самиот Ердоган ги користеше истите зборови за претставниците на опозицијата, во обраќањето пред членовите на неговата партија, поради тоа што опозиционерите ја довеле во прашање турската воена вмешаност во сириската провинција Идлиб.