Унгарскиот премиер Виктор Орбан и германската канцеларка Ангела Меркел денеска во пограничното место Шопрон ќе ја одбележат 30-годишнината од падот на Железната завеса, сеќавајќи се на денот кога пред три децении унгарските граничари првпат им дозволиле на граѓаните од социјалистичката Источна Германија слободно да се преминат во Австрија, односно на запад.

Ова од денешен аспект се оценува како клучен момент кој најавил значајни промени во тогаш идеолошки поделената Европа, што неколку месеци подоцна довел и до пад на Берлинскиот ѕид, во ноември 1989 година.

Според најавите во Берлин, Меркел ќе пристигне во Шопрон со намера да оддаде признае на Унгарија за нејзината историска улога во обединувањето на Германија, но и на Европа.

Тој 19 август 1989 година, отворена била границата меѓу Унгарија и Австрија по повод „Паневропскиот пикник“ и 700 граѓани на тогашната Германска демократска република ја искористиле можноста да заминат на запад.

Во видео пораката објавена на нејзината интернет-страница, канцеларката Меркел рече дека Германија секогаш ќе биде благодарна на Унгарија за придонесот кон германското обединување. Таа, исто така, истакна дека за чудото на германско обединување придонеле и активности на луѓето во Полска и Чехословачка.

Унгарија, додаде таа, имаше храброст да ги отвори границите и на тој начин да овозможи бегство на луѓе од тогашната источна Германија кој сакале да се заминат. Тоа беше важен камен-темелник на патот кон отворање на ѕидот на германското обединување, рече таа.