Центарот за управување со кризи информира дека до 16 часот на територијата на Македонија имало шест активни пожари, од кои три со поголем интензитет, три други се локализирани, а еден е под контрола.

ЦУК информира дека има активни пожари над селата Раовиќ – Буковиќ во Општина Сарај близу Националниот парк „Јасен“, кај селата Дивље и Крушје во Општина Петровец, еден пожар кај Прилепско, два во Велешко и на градската депонија во Виница.

Пожарот над селата Раовиќ и Буковиќ е активен и се гасне со хеликоптер. Во Националниот парк „Јасен“ нема интервенција од хеликоптери, туку може да се навлезе во паркот. Во гаснењето на пожарот учествуваат 20 припадници на Армијата, вработени во ШС „Јасен“ и НП Јасен, тројца пожарникари со едно противпожарно возило и армиски хеликоптер. Активен е пожарот и кај селата Дивље и Крушје во општина Петровец. Во гаснењето учествуваат 12 вработени од ШС „Караџица“ и пет пожарникари со две противпожарни возила.

Во Прилепско активен е пожарот кај село Топлица од село Ракле кон село Крстец, но е е со слаб интензитет. Нема опасност од проширување на пожарот, велат од ЦУК. Во гаснењето учествуваат шест вработени од ШС „Црн Бор“ – Прилеп.

Други два активни пожари има во Велешко, кај Старо Градско и кај мотелот „Македонија“, а во нивно гаснење интервенираат по тројца пожарникари со по едно противпожарно возило. Пожар избувнал и на градската депонија во Виница. Опожареното место е под контрола. Интервенираат шест пожарникари со цистерни и двајца вработени од ЈП „Солидарност“ од Виница.