Марија Младеновска-Димитровска, м-р по психологија

 

Доколку сакаме да градиме мултикултурно, мултиконфесионално и граѓанско
општество, кое што ќе негува односи на почитување и толеранција кон различностите,
треба многу внимателно да пристапиме кон тоа каков систем на вредности им нудиме на младите, вели Младеновска-Димитровска

Марија Младеновска-Димитровска, деновиве учествуваше на 16. конгрес на психолозите од Европа, каде го презентираше својот научен труд на универзитетот „Ломоносов“ во Москва. На Конгресот, што се одржа од 1 до 5 јули, учествуваа над 2.500 психолози од 83 земји од Европа и од светот, м-р Марија Младеновска – Димитровска беше единствен претставник од Македонија со свој научен труд, од областа на социјалната психологија.

Всушност, тоа е обемно истражување за „Поврзаноста помеѓу авторитарноста, национализмот, етничката дистанца и прифаќањето на антидемократските вредности кај младите“, спроведено на 240 испитаници од средношколската популација.

Според Димитровска, таа во нејзиниот научен труд ја испитува изразеноста на авторитарноста како димензија на личноста кај младите и нејзината поврзаност со прифаќањето на националистички ставови и систем на вредности, како и антидемократското однесување и манифестирање на етничка дистанца кон припадниците на другите етнички заедници. Се смета дека постои поврзаност меѓу постоењето на одредена структура и динамика на личноста наречена авторитарност и поголема склоност за прифаќање и манифестирање на антидемократски вредности, ставови и склоност кон национализам.

Резултатите од истражувањето покажаа дека младите, кај кои е повеќе изразена
авторитарноста, покажуваат повисок степен на национализам и поголема склоност за
прифакање на антидемократски вредности, а манифестираат и повисок степен на етничка дистанца во однос на припадниците на другите етнички заедници.

– Со оглед на фактот дека авторитарноста е поврзана со прифаќање на антидемократските вредности, односно дека авторитарните лица се повеќе наклонети да прифаќаат однесувања и да се покоруваат на авторитети и групи, без критички да ги опсервираат нивните погледи и мислења, може да резултира со појава на национализам, екстремни однесувања и нетолеранција кон другите, кои се перцепираат како „различни“. Наодите од истражувањето треба да се земат предвид во однос на тоа каков систем на вредности и ставови им сервираме на младите генерации. Доколку сакаме да градиме мултикултурно, мултиконфесионално и граѓанско општество, кое што ќе негува односи на почитување и толеранција кон различностите, треба многу внимателно да пристапиме кон тоа каков систем на вредности им нудиме на младите преку процесот на воспитување и едукација, образовниот систем, медиумите и општеството во целина. Не е за занемарување фактот дека во истражувањето се покажа пораст на етничката дистанца кај младите во однос на другите етнички заедници. Во споредба со претходни истражувања, тоа ни говори дека треба сериозно да работиме на подобрување на меѓуетничките релации и градење на мултикултурно општество – вели Марија Младеновска-Димитровска.

Претходно, Младеновска-Димитровска, која има објавено голем број научни трудови, имаше свој научен труд и на универзитетот „Харвард“ во Бостон, САД.

– По успехот кој го постигнав со мојот научен труд пред две години на „Харвард“, со учеството на Европскиот конгрес во Ломоносов, Москва, конечно ми се исполни мојот детски и младешки сон да учствувам на еден ваков исклучителен, не eвропски, туку јас би рекла светски конгрес на психолози. Тоа е големо признание за мене, бидејќи на овој светски признат и познат Универзитет, каде што јас бев единствен преставник од Македонија, се поставени темелите на психологијата – вели Марија Младеновска- Димитровска.

Иако поминаа неколку дена од одржувањето на конгреост таа се уште ги средува
впечатоците од учеството.

– Домаќинот од Москва се потруди организацијата на Конгресот да помине во најдобра
атмосфера. Посебно ме импресионира свеченото отворање, кое се одржа во палатата
Кремљ, на кое присуствуваа над 6.000 психолози, научни работници, академици и  гости. Кулуминација на отворањето беше кога покрај премиерот на Русија, Дмитри
Медведев и министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, успешна работа на учесниците им посака екипата космонаути од Руската вселенска станица „Мир“. Цело време додека се одржуваше Конгресот, на услуга ни беа голем број волонтери, кои направија се во Москва да се чувствуваме како дома – вели Марија Младеновска-Димитровска.

Ломоносов, со над 40.000 студенти, 6.000 професори -предавачи и 5.000 научни
работници, важи за еден од најдобрите универзитети во светот и се наоѓа на врвот на Шангајската листа.

Инаку, научниот труд на Марија Младеновска Димитровска посебно предизвика внимание кај италјанските психолози, кои и дадоа отворена понуда за негова прзентација во Италија.

Оваа млада и успешна жена, иако досега можеше да замини за САД, сепак, одлучи, тука во Битола и во Македонија да ја гради својата научна кариера и оттука да го освојува светот, но не е задоволна од поддршката што ја добива од државата. Таа е магистер по психологија и работи како стручен соработник во средното училиште „Таки Даскало“ во Битола.

– Посбено ме загрижува тоа што ние како млади луѓе кои сакаме да се занимаваме со
наука немаме буквално никаква поддршка од државата и сите овие успеси ги плаќаме од свој џеб, или со поддршка на родителите. Мене на пример Министерството за образование не ми ги признава трошоците за било кој презентиран научен труд на многу научни конференции, па и за оние на Харвард во САД и Ломоносов во Москва, бидејќи, како што велат, сум вработена во средното образование. Со таков однос кон науката тешко ќе одиме напред. Стравувам дека, како и многу други млади луѓе и јас ќе бидам принудена еден ден својата среќа да ја побарам во странство. Веќе имам неколку понуди за докторски студии од реномирани универзитети во светот – посочи Младеновска- Димитровска. Н.М.