Демократскиот сојуз предлага кривична одговорност и затворска казна од три години за тие што ќе ја злоупотребат власта за влијание при вработување.

Претседателот на партијата, Павле Трајанов, на денешната собраниска седница кажа и дека  се неопходни уставни промени со цел да се јакне одговорноста на извршната власт, посебно на претседателот на Владата и министрите и да се зајакне самостојноста на институциите, надлежни за откривање и спречување на тешките облици на криминал.

Тој кажа дека се потребни системски промени заради департизација на сите институции.

– Нема правда без кредибилно судство, затоа треба да се создадат уставни претпоставки за ревизија и разрешување на судии и јавни обвинители, како и нивна кривична одговорност, доколку ги кршат законите. Во услови на парализа на Парламентот, треба да има можност претседателот на државата да го распушти Парламентот. Треба да се преиспита и примената на правилото на Бадентер, кое во некои сегменти се јавува како кочница за функционирање на правната држава, избор на јавен обвинител, судии и слично. Во уставот точно е наведено кога е потребно двојно мнозинство и треба до тоа да се држиме, а не креативно да ги толкуваме уставните одредби – рече Трајанов.

Тој, исто така, предлага намалување на бројот на пратениците од 120 на 90, намалување за 30 отсто на министерствата и укинување на бројните паралелни агенции, дирекции, регулаторни тела и сл,.

Трајанов предлага и една изборна единица.

– Со овие промени, составот на Парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните и ќе се демонтира „еднопартискиот систем“ на владеење. Треба да се направат промени во Изборниот законик за да сите учесници во изборниот процес имаат исти стартни основи и шанси – кажа Трајанов.

Тој, исто така, предлага да се формира Совет за национална безбедност со кој ќе раководи претседателот на државата, да поминат низ, како што кажа, „сито“ сите припадници на службите за безбедност и вработените во другите институции кои работат на откривање на криминалот.

Според Трајанов, неопходно е кадровско прочистување на службите за безбедност.