Американскиот претседател, Доналд Трамп, го продолжи траењето на „црната листа“ за Западен Балкан, на која се наоѓа и членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик.

Во образложението на американската амбасада во БиХ издадено во 2017 година се наведува дека Додик се спротиставил на Уставниот суд на БиХ и го прекршил законот и претставува значителна закана за попречување на Дејтонскиот договор.

На „црната листа“ меѓу другите се наоѓаат и осудениците за воени злосторства пред Меѓународниот суд за поранешна Југославија во Хаг, Радован Караџиќ и Момчило Крајишник, Биљана Плавшиќ, претседателот на Српската радикална партија, Војислав Шешељ, ќерката на хашкиот осуденик Караџик, Соња Караџиќ, како и Бакир Алиспахиќ и Хасан Ченгиќ – членови на Партијата за демократска акција на БиХ.

Трамп ја продолжил и таканаречената „национална вонредна состојба“ во однос на државите од Западен Балкан, а таа одлука е донесена во времето на Џорџ Буш во 2001 година. Како што е наведено во одлуката што ја потпишал Трамп, траењето на националната вонредна состојба е продолжена за една година.