Вучиќ (лево) претходно ги демантираше тврдењата за постигнат договор, додека уште нема реакција од Приштина

Косовскиот претседател Хашим Тачи ветил дека ќе направи значителен чекор за решавање на тензичната ситуација со Србија, под притисок на американскиот претседател Доналд Трамп кој нуди одржување на мировна церемонија во Белата куќа, објавува „Вашингтон пост“.

Трамп имаше невообичаен директен апел до српските и до косовските лидери, откако нивното десетгодишно непријателство се закани да прерасне во оружен конфликт, а администрацијата на американскиот претседател се обидува преку споредни патишта да ги намали тензиите со Србија.

Тачи претходно имаше неофицијална дипломатска посета на Берлин минатиот месец, каде што се сретна со американскиот амбасадор Ричард Гренел кој претставува за човек од доверба на Трамп. Тачи, наводно, се обврзал дека ќе го смени курсот на таксите воведени за српските производи. 

– Претседателот Тачи и јас разговаравме за важноста за правење долгорочни одлуки, во однос на реакциите за краткорочни цели. Задоволен сум од неговата обврзаност кон работата за укинување на тарифите. Овој потег ќе помогне за испраќање на вистинските сигнали кои покажуваат оти тој е сериозен за преговарањето, како и за градење доверба помеѓу сите вклучени страни – изјави Гренел. 

Тачи порача дека е „подготвен да ја разгледа можноста за укинување на таксите доколку за Косово се отвори чист пат за постигнување конечен мировен договор со Србија“, во преписката со „Вашингтон пост“ преку електронска пошта. Србија не го признава Косово и упати предупредување за можен воен одговор на последните несогласувања во врска со таксите и формирањето на косовскатат војска.

– Тарифите се вонредна мерка и има волја од наша страна за нивно укинување. Таа би можела да прерасне во силна решителност, ако чувствуваме поддршка и водство од нашите западни партнери. Го уверувам косовскиот народ дека поддршката и водството се присутни – истакнал Тачи. 

Ставот на Тачи носи одреден политички ризик бидејќи тој не може самостојно да ги укине тарифите, поради кои се соочува со интерен конфликт со косовскиот премиер Рамуш Харадинај. Но, САД ја сметаат неговата понуда како прв чекор кон намалување на тензиите, односно кон напорите за постигнување мировно решение.

Трамп испрати писма до лидерите на Косово и на Србија минатиот месец, апелирајќи кон двете страни да се вратат на мировните преговори, нудејќи ја можноста за заедничка покана во Белата куќа. Тачи и српскиот претседател Александар Вучиќ истакнаа дека ги протолкувале писмата како знак оти Трамп е подготвен да заземе поактивна улога на медијатор помеѓу нив.