Непотребни беа апелите за признавање за израелската анексија на сириската територија

Њујорк тајмс

Претседателот Доналд Трамп направи пресврт во долгогодишната американска политика за израелската окупација на Голанската Висорамнина, што повеќе се поврзува со израелската политика отколку со американските интереси или здравиот разум.
Во четвртокот, тој на Твитер објави дека САД треба да го признаат израелскиот суверенитет за спорната Голанска Висорамнина на израелската граница со Сирија, иако ниедна друга држава не го стори тоа. Обединетите нации (ООН) соопштија дека официјалната анексија на територијата би значела кршење на меѓународниот закон.
Трамп предизвика контроверзи онаму каде што не беа потребни. Израел не беше под притисок да ја прекине окупацијата на Голанската Висорамнина, која започна за време на арапско-израелската војна од 1967 година кога израелската војска присвои над 1.000 квадратни километри.

Но израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се соочува со тешка реизборна борба и побара од Трамп да го направи овој потег. Во објавата на Твитер беше поддржано неговото барање дека тој најдобро ја чува безбедноста на Израел заради неговите блиски врски со Белата куќа.

Поддршката за израелскиот суверенитет над Голанската Висорамнина исто така ќе им даде повод на десничарските израелски партии да бараат Израел да го анектира Западниот Брег. Таквиот потег би ја уништил секоја надеж за палестинска сувереност и ќе ја загрози иднината на Израел како еврејска демократија.

Дури и либералната група „Американци за мир сега“, иако се противат на направената промена во политиката од страна на Трамп, порача дека Израел има легитимни причини засега да го задржи правото над Голанската Висорамнина затоа што „Сирија е уништена, полна со непријателски екстремистички групи, а Иран таму почна да го шири своето влијание во текот на ужасната граѓанска војна“.

Долги години Обединетите нации и САД одбиваа официјално да ја признаат израелската окупација на Голанската Висорамнина или Западниот Брег врз основа на тоа дека мора да се преговара за границите на Израел и на новата палестинска држава. Во 1981 година, кога Израел ја анектираше Голанската Висорамнина, администрацијата на Роналд Реган возврати на ваквиот потег со тоа што го суспендираше договорот за стратешка соработка со Израел. Двете држави постигнаа нов договор за воена соработка две години подоцна.

Но откако започна Сириската војна во 2011 година, со тоа што иранските и руските воени сили интервенираа како поддршка за режимот на Башар ал Асад, исчезна притисокот врз Израел да се повлече од Голанската Висорамнина.

Како што прерасна во навика, немаше никаков знак дека новата политика беше официјално преиспитана пред претседателот да ја најави. Државниот секретар Мајк Помпео во посетата на Израел, за да покаже поддршка за Нетанјаху пред изборите закажани на 9 април, беше изненаден од временското темпирање на објавата на Трамп. Само неколку часа претходно, Помпео изјави пред новинарите дека нема да се промени американската политика за Голанската Висорамнина.

Признавањето на израелското право над Голанската Висорамнина беше последната во низата на вакви одлуки, како што беше преместувањето на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим и укинувањето на Иранскиот нуклеарен договор, што ја покажа силната поддршка на администрацијата за израелската конзервативна влада. Самиот Трамп се смета за тежок преговарач, но тој се откажа од ваквата вредна американска дипломатска моќ што ја градеа со години претходните претседатели без да имаат лична корист, а истата да биде во интерес на САД. Нетанјаху, неговите израелски поддржувачи и оние во американскиот Конгрес ја поздравија ваквата одлука. 

Не е изненадувачки тоа што ЕУ, која некогаш беше најблиска сојузничка на САД за блискоисточните прашања, соопшти дека нема да го признае израелскиот суверенитет над Голанската Висорамнина. Лидерите во Сирија и во Иран ја осудија одлуката на Трамп, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предупреди дека со тоа регионот ќе биде доведен на раб на криза. Сирија вети дека ќе ја врати територијата назад.
Ефикасното одобрување на насилното незаконското присвојување на сириска територија дефинитивно ќе им отежни на САД да продолжат уверливо да се противат на руската анексија на Крим од 2014 година.

Генерално, немаше толку директен одговор за разлика од претходно, пред арапските лидери да одлучат дека повеќе се заинтересирани да го видат Израел како свој партнер отколку Иран.

Трамп, кој во 2020 година ќе се кандидира за нов мандат, несомнено се надева дека неговата одлука ќе добие поддршка меѓу неговото гласачко тело составено од про-израелски евангелисти и американски Евреи. Поголеми се шансите да се влошат зголемените поделби меѓу Американците за силната поддршка на администрацијата за Нетанјаху и нејзиното штетно влијание врз американските интереси.

Подготвила: Билјана Здравковска