Американскиот претседател Доналд Трамп вети мирно предавање на власта откако Конгресот потврди дека Џо Бајден е победник на претседателските избори.

– Иако целосно не се согласувам со изборните резултати, а фактите ме поддржуваат во, на 20 јануари ќе има мирно предавање на власта – вели Трамп. 

Тој повторно не пропуши да ги повтори лажните обвинувања за изборни измами.

– Јас секогаш велев дека ќе продолжиме да се бориме со цел да се осигураме дека се бројат само легалните гласови. Со ова се става крај на најголемиот прв мандат во историјата на претседателствата на САД, но е само почеток на нашата борба да ја направиме Америка повторно голема – се наведува во соопштението на Трамп.

Претходно, „Фејсбук“ и „Твитер“ избришаа неколку објави на Трамп во кои, откако неговите приврзаници упаднаа во Конгресот, тој ги повтори тврдењата за украдени избори, ја нарече толпата големи патриоти и напиша дека ги сака.

Покрај тоа, „Твитер“ му забрани на Трамп 12 часа да објавува и напомена дека е можно трајно да му се забрани да објавува ако продолжи да поттикнува насилство. „Фејсбук“ му забрани на Трамп да објавува 24 часа.