Индија и Пакистан да ги намалат тензиите околу Кашмир, порача американскиот претседател Доналд Трамп кој со индискиот премиер Наредра Моди синоќа телефонски разговараа за повеќе регионални теми, стратешкото партнерство меѓу двете земји и за односите помеѓу Индија и Пакистан. Американскиот претседател претходно разговараше телефонски и со пакистанскиот премиер Имран Кан, во врска со ситуацијата во Кашмир.

Претседателот Трамп во текот на разговорот повика на зачувување на мирот во регионот, соопшти Белата куќа.

– Разговарав со моите двајца добри пријатели. Индискиот премиер Моди и пакистанскиот премиер Кан, во врска со трговијата, стратешките партерства и најважно, за Индија и Пакистан да работат кон намалување на тензиите во Кашмир. Тешка ситуација, но добри разговори – напиша Трамп на Твитер.

Претходно, Индија овој месец донесе одлука за укинување на Членот 370 од индискиот Устав што се однесува на автономниот статус на Џаму и Кашмир, што автоматски доведе до зголемување на тензиите на ова подрачје.