Форбс

Во Франција на крајот од минатиот месец починаа три лица поради топлотниот бран од Сахара, кој донесе невообичаено високи температури во поголемиот дел од Европа. Трите смртни случаи не беа заемно поврзани и беа последица на екстремната жештина. Еден 70-годишен човек добил срцев удар поради температурен шок во телото од студена вода, а една 62-годишна жена и 75-годишен маж починале на две различни места на море.

Одамна се препорачува од високи температури, да не се влегува веднаш во студена вода затоа што екстремната промена во температурата на телото може да предизвика шок во организмот. Кога температурите во Франција достигнаа 45,9 степени Целзиусови, училиштата се затворија, а посебни препораки имаше за бебињата, децата и постарите.

Поради високите температури, министерството за транспорт во германската сојузна држава Саксонија-Анхалт воведе ограничување на брзината на движење од 100 километри на час на некои делови од патиштата, затоа што асфалтот почнал да се топи.

Денес младите и дел од политичарите се загрижени за климатските промени и се согласуваат со ставовите на 16 годишната Швеѓанка Грета Тунберг која во изминатава година протестира секој петок пред шведскиот парламент.

– Климатските проблеми не одат на одмор, поради тоа и ние нема – порача таа.

Таа продолжува со нејзините протести кои добија светска поддршка и тоа од ученици од над 100 држави кои го следат нејзиниот пример.

Германската канцеларка Ангела Меркел ја пофали Тунберг и другите ученици кои протестираа кои придонесоа за идејата за воведување на ограничување на брзината на движење на патиштата поради големите жештини. По првичното негодување, нејзината влада им се приклучи на европските напори за воведување на ограничување на емисиите на јаглерод за ЕУ.

Дури и во Обединетото Кралство, кое сака да излезе од ЕУ, парламентот соопшти дека итни мерки мора да се преземат поради климатските промени и да се воведат нови ограничувања на емисиите како делумен одговор на протестите.

И покрај овие екстремни мерки, ЕУ не е едногласна за пристапот околу справувањето со климатските промени. Парламентот во Чешка дебатираше на оваа тема, но тоа траеше само неколку часа, а повеќето од пратениците си заминаа уште на почетокот. Поборниците за борба против климатските промени сметаа дека биле исмеани, а нивните барања игнорирани.

ЕУ имаше план да го реши прашањето за климатските промени и глобалното затоплување, но него го отфрлија три земји-членки, поточно Полска, Естонија и Унгарија. Сите тие го искористија правото на вето, затоа што сметаа дека ЕУ во 2019 година не треба да одлучува што треба да се случува во 2050 година.

Голем дел од пасивноста се сведува на различните економски буџети, бидејќи нивото на БДП по глава на жител е далеку поголемо во полибералните земји од Западна Европа, отколку во поранешните делови од Советскиот Сојуз и неговата сфера на влијание. Додека БДП по глава на жител изнесува над 40.000 американски долари во Германија (46.250 долари) и Франција (42.560), тој е под 20.000 долари во Чешка (19.860), Естонија (18.800), Унгарија (13.490) и Полска (13.650).

Сегашната поделба на Европа во однос на климатската политика го покажува незадоволството што е присутно во многу земји каде што младите се чувствуваат обесправени. Нивните држави, по децениската доминација на Советскиот Сојуз, се наоѓаат во многу порана фаза од нивниот економски развој за разлика од државите на Запад. Како директна последица од тоа, државите во Централна и Источна Европа немаат исто ниво на индустриски развој како оние на Запад и со наметнување на тешки цели насочени кон посакуваното ограничување на емисиите на јаглерод до 2050 година, сериозно ќе се попречат економските шанси на источниот дел на ЕУ.
Дури и по добриот успех на Зелените на неодамнешните европски парламентарни избори, предизвикот за политиките на климатски промени е што тие вклучуваат високи цена денес и нудат несигурни придобивки во иднина.

Стар проблем е тоа што политиката се сведува на трката за гласови, поточно што најдобро се продава кај народот. Ако севкупната европска економија се движеше еднакво брзо, тогаш климатските проблеми ќе се третираа посериозно. Кога растот, работните места и платите се проблем на истокот, правото на вето многу лесно се искористува.

Подготвила: Билјана Здравковска