Сменетиот министер за финансии Драган Тевдовски на Фејсбук најави дека ќе се врати на Економскиот факултет откако беше разрешен од функцијата.

– Чест ми е што ја водев најдобрата институција во земјава. Се гордеам што имав одличен тим со кој не се плашев да влезам во ниту една битка. Благодарност до вработените во Министерството за финансии што беспоштедно работеа да ги спроведеме реформите. Најголемата награда за мене за овие две години, доаѓа деновиве кога насекаде граѓани ме застануваат и ми велат: „браво и главата горе”. Тоа е за мене најдобриот начин да се излезе од едно министерство. И затоа со главата горе и целосно посветен се враќам на Економскиот факултет – напиша Тевдовски на Фејсбук.

Премиерот Зоран Заев претходно најави дека ќе го задржи Тевдовски како советник додека ја извршува функцијата в.д. министер за финансии.

Собранието вчера, со 64 гласа „за“, ги разреши Тевдовски, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и вицепремиерот за спроведување на рамковниот договор, Хазби Лика.

Собранието денеска ја продолжува седницата на чиј дневен ред ќе биде именувањето нови министри во Владата.