Талат Џафери вторпат е избран за претседател на Собранието со 62 гласа „за“, нема воздржани и 43 „против“. Гласаа вкупно 105 пратеници. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и пратениците на Левицата не го поддржаа предлогот на владејачкото мнозинство за избор на Џафери. Изборот беше проследен со аплауз од страна на владејачкото мнозинство во Собранието, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата пред Џафери да даде свечена изјава дека функцијата ќе ја врши совесно и одговорно.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека Џафери ќе биде извршител на СДСМ и ДУИ и затоа одбија да го поддржат предлогот, а пратеникот Апасиев смета дека Џафери не бил одраз ниту на ефикасноста ниту на безбедноста ниту, пак, бил чувар на Деловникот, како што рече, што го фалеле во текстот предлагачите.

Со изборот на собранискиот спикер првпат се потврди новото парламентарно мнозинство, што го сочинуваат 62 пратеници – 46 на СДСМ и коалицијата „Можеме“, 15 на ДУИ и еден на ДПА.
Ова е вторпат Џафери да биде избран за претседател на Собранието. За разлика од крвавиот 27 април кога првпат беше избран, овој пат гласањето течеше во мирна атмосфера. Мандатот на претседателот трае четири години.

Седницата за избор на Џафери за претседател ја водеше заменик-претседавачот Горан Мисовски.