Освојувањето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) третпат едноподруго, на Реал Мадрид, ќе се памети по спектакуларниот гол на Герет Бејл со ножички во финалето и по извонредната голгетерска форма на Кристијано Роналдо низ натпреварувањето (постигна 15 погодоци), додека творецот на досега незабележаниот успех на „кралевите“, веројатно повторно ќе биде неправедно запоставен.

Таков е случајот со тренерот на Реал, Зинедин Зидан, кој е во сенка на ѕвездите на најтрофејниот европски клуб, и кој постојано се соочува со недовербата и со негативните критики од навивачите и од медиумите, кои се сомневаат во неговите способности.

– Јас не сум најдобриот тренер и постојано ќе го кажувам тоа. Не сум најдобриот тренер кога во прашање е тактиката. Бидејќи вие постојано го велите тоа – им кажа низ смеа францускиот стратег на новинарите, во пресрет на финалето.

Но, Зидан е меѓу најзаслужните за победата на Реал над Ливерпул од 3-1 во вечерашното финале во Киев, по кое Шпанците станаа прваци на Европа по 13-ти пат.

Тој погоди со уфрлањето на Герет Бејл во игра, во 60-та минута, на местото на Иско, по што Велшанецот ги постигна двата решавачки погодоци, со ножички во 64-та и со удар од далечина во 83-та минута. Претходно Карим Бензема го отвори резултатот во 51-та минута, по грешка на противничкиот голман Лорис Кариус кој имаше слабо издание, а Садио Мане изедначи за Ливерпул во 55-та минута. Ливерпул остана без својот најдобар фудбалер Мохамед Салах во 31-та минута, кога одличниот крилен напаѓач го напушти теренот поради повреда, по дуел со Серхио Рамос.

А тренерските успеси на популарниот Зизу го докажуваат неговиот квалитет, бидејќи тој за безмалку две и пол години на клупата на Реал, ја освои ЛШ трипати, исто колку и најтрофејниот досега, Карло Анчелоти, на кого му беше помошник во кралскиот клуб, додека има еден трофеј повеќе од, на пример, славните сер Алекс Фергусон, Жозе Мурињо и Пеп Гвардиола. Згора, Зидан е првиот тренер што дојде до трофејот трипати едноподруго.  

Магазинот „И-ес-пи-ен“ се пошегува во описот на тренерските способности на  Французинот, пишувајќи, „Зинедин Зидан не е познат по тактиката, ниту по стилот, само по способноста да победува“.

Рекордите и новиот успех, би требале на Зидан да му ги донесат славата и признавањето на квалитетот што ги заслужува. М.Ж.