НАТО веќе има донесено одлука дека Македонија ќе добие покана за членство, откако ќе го реши спорот за името со Грција и таа одлука е донесена на Самитот во Букурешт во 2008 година, а сега откако договорот е постигнат, поканата ќе пристигне кога ќе биде финализиран во двете земји.

Ова го порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска во интервју за МИА, одговарајќи на прашањето да ја појасни процедурата за тоа како Македонија на самитот во јули ќе добие покана, откако договорот за името е постигнат.

– До самитот на НАТО ќе се обидеме да најдеме начин да покажеме дека сè уште стоиме на таа одлука, оти ја препознаеме важноста на договорот. Истовремено, сега е важно договорот да се финализира во Скопје и во Атина. Договорот е сеопфатен и во себе ги содржи сите фази на различните одлуки, ратификациите, референдумот- истакна Столтенберг.

Во интервјуто тој изрази надеж дека сето тоа ќе се случи што е можно побрзо, со што на Алијансата ќе и се отвори патот таа да го стори својот дел.

Договорот меѓу Македонија и Грција го оцени како историски и од голема важност за двете земји, но и за цела Европа.