Фото: Дарко Андоновски

Винарница „Стоби“ го одбележа големиот македонски празник Свети Трифун и својот јубилеј – 10 години од постоењето, во присуство на пријателите од бизнис-заедницата, политичкиот, дипломатскиот и од јавниот живот. Сите заедно го закроија лозјето и наздравија од срце.

– Овој празник и овој ден, е еден од убавите настани што го следат производството на грозје и на вино, затоа што, виното, како што го викаат напиток на боговите, народот многу убаво го прифатил. А го прифатил и кај нас, каде што расте производството на вино, повеќе отколку што расте производството на други производи од грозје. Нашето вино се пие во убаво друштво и токму затоа, на овој ден, доаѓа многу народ. Тоа е многу убава традиција, каде што луѓето се дружат и зближуваат, што е една од главните цели на животот – истакна Минчо Јорданов, сопственикот на винарницата „Стоби“.

Тој се осврна на постигнувањата на „Стоби“ во периодот од 10 години.

–  Нашиот бренд „Стоби“, во периодот од 10 години, стана вино со препознатлив квалитет кое се пласира на повеќе континенти. Со гордост можеме да кажеме дека ги освоивме Кина, САД, Русија и Европа. Горди сме на нашите награди и пофалници од реномирани вински критичари, а тоа нам ни претставува предизвик за натамошни успеси, благодарение на целиот тим – вели Јорданов.

Изминататите години винарница „Стоби“ зема учество на сите реномирани саеми и освои награди и признанија на светски натпревари. Само лани, „Стоби“ освои највисоки признанија на престижните интернационални натпревари „Мундус вини“ во Германија и „Вино Љубљана“ во Словенија. Вината на „Стоби“ добија високи препораки од реномираните светски вински критичари во рецензиите објавени во „Вашингтон пост“ и во винскиот магазин „Вајн адвокат“.

 – Ние како винарница постојано ги следиме светските трендови, ги задоволуваме вкусовите на сите потрошувачи. Со тоа сме конкурентни и на светскот пазар со широка палета на производи на вина. Континурино вложуваме во иновации со цел да произведеме вина кои се премиум, класик, елитни или традиционални, кои ќе ги задоволат сите вкусови и сетила на секој потрошувач. Винарница „Стоби“ е фамилијарен бизнис благодарение на мојот татко Минчо Јорданов – додава Ана Јорданова, креативен директор во компанијата.

„Стоби“ е модерно конципирана македонска винарница во Градско со свој ресторан, која годишно произведува 4,5 милиони литри висококвалитетно флаширано вино, од кое 70 отсто се извезува на пазарите во други земји.