Возобновените санкции на САД кон Иран од денеска и официјално стапуваат во сила, откако вчера американскиот претседател Доналд Трамп го потпиша указот.

Тој најави дека американската политика ќе изврши „максимален економски притисок“ врз Техеран.

Трамп во соопштението наведе дека меѓународниот договор за стопирање на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите е „страшен, едностран договор“ со кој иранската Влада заработи пари кои ги користи за ширење конфликти на Блискиот Исток.

– Ги повикуваме сите држави да преземат чекори кои покажуваат дека иранскиот режим се соочува со избор: или да ги смени своето заканувачко, дестабилизирачко однесување и да се реинтегрира во глобалната економија или да продолжи по патот на економска изолација – посочи Трамп.

Тој предупреди дека сите тие кои нема да ги прекинат економските врски со Иран „ризикуваат тешки последици“.

Иранскиот претседател Хасан Рохани одговори дека Техеран би бил подготвен да разговара со САД само доколку Вашингтон покаже дека е доверлив соговорник.

– Секогаш сме за дипломатија и разговори…Но, за разговор е потребна искреност. САД повторно воведуваат санкции за Иран и се повлекуваат од нуклеарниот договор, а потоа сакаат да разговараат со нас – рече Роахани во вчерашното обраќање што го пренесуваше државната телевизија.