Српскиот претседател, Александар Вучиќ, на вонредна прес-конференција изјави дека поради влошената состојба со коронавирусот, се прогласува вонредна состојба на целата територија на Србија, а мерката почнува да важи веднаш.

– Врз основа на Уставот на Србија и по барањето на министерот за одбрана и премиерката, ве известувам дека донесовме одлука за вонредна состојба на територијата на цела Србија – изјави Вучиќ на прес-конференцијата.

Вучиќ изјави дека донесувањето на ваквата одлука воопшто не било лесно, но појавувањето на секојдневните нови случаи од заразени со коронавирус во Србија го приморало државниот врв на ригорозни мерки.

Тој додаде дека ова претставува борба за постарите граѓани и затоа ги замоли да не излегувате надвор и во наредниот месец да останат во нивните домови. Во наредните 72 часа ќе се контролира движењето на граѓаните кои имаат над 65 години и доколку не се придржуваат до препораките, ќе се издаде наредба за нивно неизлегување од дома.

– Нашите родители направија сѐ што имаме, тие ги изградија нашите градови. Денес мораме да направиме сѐ што можеме за да им помогнеме. Ве молам не излегувајте од дома, ќе имате помош за сѐ – изјави Вучиќ.

На српските граѓани нема да им биде забранет влез во земјата, додека на странците ќе им биде забранет. Оние што доаѓаат во Србија ќе треба да останат во карантин 14 дена, додека оние што доаѓаат од ризични земји ќе треба да останат во изолација 28 дена. Вучиќ најави дека за прекршувањето на овие мерки затворската казна е три години.

Вучиќ рече дека денешниот ден е најцрн ден за Европа после Втората светска војна, бидејќи само за едно деноноќие во Италија починале 365 лица, а во Шпанија 200.