Фото: Маја Јаневска-Илиева

Заменик-помошникот на државниот секретар на САД, Метју Палмер, порача дека нерешениот случај „Рекет“ би можел да ги подрие изгледите на Македонија за почнување на пристапните преговори за Европската Унија, пренесува „Гласот на Америка“.

– Ова се сериозни обвинувања и сите такви обвинувања бараат сериозен одговор. Ние поддржуваме комплетна, темелна, транспарентна истрага на овие обвинувања, а ако постојат докази, тогаш и соодветно кривично гонење. Ова е прилика за власта во Северна Македонија да покаже посветеност кон спроведување на владеењето на правото – истакна Палмер во интервју за „Гласот на Америка“ на српски јазик.

Тој посочи оти е оптимист за почнување на пристапните преговори на Македонија со ЕУ наесен, но дека решавањето на истрагата поврзана со Катица Јанева ќе биде клучно за ова прашање. 

Несогласувањето на македонските партии во врска со законот за Јавно обвинителство, исто така се наведува како услов за почнување на пристапните преговори со Унијата.