Влегуваме во важен период во кој очекуваме сериозни исчекори напред кон реализација на една од нашите суштински стратешки цели-членството во Европската Унија, во кој со право очекуваме одлука за почеток на пристапните преговори во претстојните месеци после 15 години во чекалната со статус држава-кандидат за членство – истакна техничкиот премиер Оливер Спасовски на денешната заедничка прес-конференција со еврокомесарот за соседска политика и за проширување Оливер Вархеји, кој е во еднодневна работна посета на нашата земја.

Спасовски и еврокомесарот Вархеји во Владата имаа тет-а-тет средба, по што ги предводеа разговорите на билатералната средба на делегациите на Владата на Македонија и на Европската Комисија.

– Со ништо нема да го загрозиме постигнатото поради што добивме и признание од Европската Комисија минатата година кога на Европскиот Совет му беше препорачано итно и безусловно стартување на пристапните преговорите. Препораката дојде како резултат на успешно спроведените темелни реформи и како резултат на храбрите одлуки за решавање на недоразбирањата со нашите соседи кои нашите аспирации за членство во ЕУ ги направија реалност. Ја очекувавме најавената одлука во октомври минатата година откако нашата земја направи сѐ што се очекуваше за да ги стартуваме преговорите. Иако доживеавме разочарување, нагласи Спасовски, прифативме дека стратегиската грешка ќе биде поправена бргу и дека нашите резултати ќе бидат валоризирани според заслуженото иако со одложување – рече Спасовски.

Тој изрази благодарност за јавните изјави на претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лејен и на Комесарот Вархеји дека одлуката за почеток на пристапните преговори треба да се донесе што поскоро и дека програмата на новата Европска комисија претставува нова, голема надеж за државите од Западен Балкан и зајакнување на нашите позиции како идни членки на ЕУ.

– Европската Комисија отсекогаш била и останува наш прв, искрен и чесен сојузник во нашите настојувања за приближување кон ЕУ. Го сметаме процесот за постигнување на стандардите на ЕУ за особено значаен и токму затоа влеговме со уште посилна мотивација за спроведување на реформите. За нас е од особено значење што Европската Комисија по Европскиот Совет во октомври 2019 година, ја презеде обврската до крајот на овој месец да биде презентиран документ со предлог за изменета методологија за водење на пристапните преговори – потенцираше Спасовски.

Тој истакна дека нашата земја е заинтересирана што побрзо да се објави методологијата и да се постигне консензус за отворање на преговорите час поскоро. Спасовски на прес конференцијата рече дека го информирал еврокомесарот Вархеји за подготовките за фер, демократски и успешни парламентарни избори.

– Нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога се очекува непречено функционирање на сите институции на државната власт. Ова е период во кој до максимален израз треба да дојде личната и институционална политичка и професионална одговорност, и да се даде најдобриот придонес за доброто на граѓаните и за развојот и напредокот на Северна Македонија и да се следат внимателно одлуките на Европскиот совет поврзани со почетокот на преговорите за членство во Европската Унија за да не се доведат во ризик – нагласи Спасовски, и додаде дека сите политички фактори кои учествуваат во Владата треба да бидат на висина на задачата и одговорноста која ја имаат во преодната Влада до предвремените парламентарни избори на 12 април 2020 година.