Персоналот на 29-те земји-членки ќе се дислоцира во новото седиште во јуни, за чија изградба беа потрошени 1,5 милијарда долари

Македонија е на агендата на вчерашниот состанок на шефовите на дипломатии на земјите-членки на НАТО, кој е практично последна средба на ова ниво пред самитот на Алијансата, кој треба да се случи во јули во Брисел.

Во пресрет на состанокот, првиот човек на НАТО информира дека на состанокот во Брисел ќе се разгледуваат односите на Алијансата со Москва и ќе се разговара за напредокот на Македонија и на Босна и Херцеговина во зачленувањето во Алијансата.
Тој истакна дека, по првиот панел од средбата со министрите за надворешни работи на земјите-членки, се надева дека Македонија и Грција ќе дојдат до заеднички прифатливо решение за името за да може Македонија да ја добие поканата за членство.

– Неодамна разговарав со премиерот Зоран Заев, како и со премиерот Алексис Ципрас, и се надевам дека дијалогот што се води може да доведе до заемно прифатливо решение за името, за да може да се активира поканата за членство на поранешната југословенска Република Македонија – изјави Столтенберг.

Во врска со изјавите од Русија за евентуалното членство на Македонија во НАТО, Столтенберг кажа дека „Скопје треба да одлучи за својот пат, дали ќе се приклучи кон НАТО или не и дека никој нема право да го запре тој процес“.

Во контекст на актуелните случувања, вчера медиумите пренесоа информација на неименуван висок дипломатски извори од НАТО, кој истакнал дека не гледа голем ризик од опасно руско влијание во Македонија, не само поради јасната определеност на земјата за евроатлантска интеграција туку и поради големата поддршка на граѓаните за влез во НАТО.

Од друга страна, светските медиуми информираат дека петочниот состанок ќе биде и последен во старата зграда на НАТО во Брисел, бидејќи персоналот на 29-те земји-членки ќе се дислоцира во новото седиште во јуни, за чија изградба беа потрошени 1,5 милијарда долари.


Адерхолт: Местото на Македонија ѝ е во НАТО и во ЕУ

Министерот задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, во Вашингтон вчера се сретна со конгресменот Роберт Адерхолт, член на групата на конгресмени за поддршка на Република Македонија.
По состанокот, од кабинетот на министерот Адеми беше соопштено дека конгресменот Адерхолт изразил задоволство од силните заложби на Македонија за исполнување на реформската агенда и потврдил дека местото на земјата ѝ е во НАТО и во Европската Унија.


Шеќеринска побара поддршка од САД

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска за време на својата посета на Вашингтон побара поддршка од САД за Македонија да добие покана за членство во НАТО оваа година, затоа што, според неа, еден таков пробив може да има позитивно влијание, кое ќе создаде нова надеж на Балканот.
Таа на тркалезната маса во Вашингтон организирана од американскиот Атлантски совет порача дека властите во изминатите 10 месеци сериозно се фокусирале на домашните реформи и на подобрување на добрососедските односи.