Претседателот на Собранието, Талат Џафери, за денеска во 13 часот ја закажа седницата за разрешување на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева. Мандатот како специјална обвинителка на Јанева ѝ завршува на 15 септември. Таа моментнo е осомничена во случајот „Рекет“ и се наоѓа во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.

Јанева од притвор потпиша решение предметите што ги води СЈО да бидат префрлени во Јавното обвинителство. Вчера попладне беше завршен процесот на преземање на предметите од едно во друго обвинителство.

Јавниот обвинител, Љубомир Јовески, истакна дека нема пречка бомбите и понатаму да бидат доказ во истрагите на СЈО. Тој исто така појасни дека предметите по преземањето, ќе бидат распоредени во обвинителствата и кај обвинителите, а дотогаш предметите што се во фаза на судење остануваат кај обвинителите од СЈО.

Во поглед на обвинителите во СЈО, како што појасни јавниот обвинител, Советот на јавните обвинители ќе ги врати во обвинителствата од каде што дошле.