Автомобилот на С.Г. по сообраќајната незгода

За утре е закажана главната расправа во судот во Неготино за случајот што ја разбранува македонската јавност, во кој странски државјанин со автомобил се судри со товарно возило што растурало сол на автопатот Миравци – Демир Капија, на 3-ти јануари годинава.

За потсетување, лицето С.Г. од Атина со возило „БМВ“ по тунелот Т2 на местото викано „Јаворица“ му бил препречен патот од два камиони, кои од паркингот остро се приклучувале на автопатот. С.Г., кој во возилото бил со неговата сопруга и две малолетни деца, избегнувајќи директен судир со товарните возила, удрил во заштитната ограда, а потоа во еден од камионите. Во несреќата немало повредени, но причинета е материјална штета. Тогаш возачот на „БМВ“-то , С.Г. е обвинет за кривичното дело „загрозување на безбедноста во сообраќајот“ , но во процесуирањето на случајот излегоа многу поголеми недоследности.

„Нова Македонија“ го истражуваше овој случај за дискриминација на странците во судските постапки, во кој преку адвокатот на обвинетиот дојде до сознанија дека се препознаваат елементи на загрозување на основните човекови права и во процесуирањето на случајот од страна на надлежните органи се појавиле голем број на недлоследности. Проблеми и заменувања на полицискиот записник, како и недостиг на едно возило при увидот на полицијата на лице место во записникот, но и голем број на други недоследности тогаш беа увидени од страна на бранителите на обвинетиот.

При истражување на случајот, обвинителството од Кавадарци немаше дополнителни коментари за случајот и потенцираше дека утре ќе се одлучува на главната расправа, по приложените докази.

Останува отворено прашањето како ќе постапи судот во Неготино.