Во Познањ денеска се одржува Самитот ЕУ-Западен Балкан, како дел од Берлинскиoт процес.

Од владината прес-служба информираа дека во текот на денот заедничка прес-конференција ќе одржат премиерот Зоран Заев со неговиот полски колега, Матеуш Моравјецки, германската канцеларка Ангела Меркел и бугарскиот премиер Бојко Борисов. На прес-конференцијата ќе биде објавено дека Република Македонија и Република Бугарија заеднички ќе претседаваат со Берлинскиот процес во наредните 12 месеци, најавија од Владата.

Претседавањето на земјава и Бугарија ќе финализира во јули 2020 година со годишниот самит кој заеднички ќе биде организиран во Софија и Скопје.

– Од почетокот на иницијативата, за првпат се случува една земја членка од Западен Балкан, кандидат за членство во ЕУ, како што е Северна Македонија, да копретседава со Берлинскиот процес и заедно со Бугарија, земја членка, да ги организира и координира проектите за поддршка на регионалната соработка и евроинтеграциите на Западен Балкан – се појаснува во владиното соопштение.

На денешната централна пленарна сесија на самитот, гостите од регионот ќе ги поздрави и полскиот претседател, Анджеј Дуда.

Премиерот Заев ќе учествува во сите работни сесии на Самитот и ќе има свои обраќања на работниот ручек, како и на пленарната сесија.