Џастин Трудо

Канадскиот премир Џастин Трудо се соочува со најголемата криза во неговата политичка кариера, откако се зголемува притисокот врз него по обвинувањата дека несоодветно се вмешал во случај на корупција, во кој е вклучена една од најголемите компании во државата, пренесува „Фајненшл тајмс“.

Поранешната министерка за правда Џоди Вилсон-Рејбоулд тврди дека врз неа бил вршен притисок од страна на членови на кабитетот на Трудо за да го спречат кривичното гонење на инженерската компанија од Монтреал „СНЦ-Лавалин“, која се соочува со обвинувања за корупција и измама. Компанијата вработува осум илјади луѓе во Квебек, провинција која е клучна за реизборот на Трудо, на изборите во октомври.

Вилсон-Рејбоулд истакна дека Трудо барал од неа да „изнајде решение“ со кое „СНЦ-Лавалин“ нема да мора да врши отпуштања или да се пресели од Монтреал. Трудо го оспори сведочењето на поранешната министерка велејќи дека нивните договори биле во рамките на законот. Таа, исто така, посочи дека притисокот од страна на Трудо бил „исклучително несоодветен“, но не и противзаконски.

Сведочењето на Вилсон-Рејбоулд пред парламентарниот комитет му донесе проблеми на Трудо

Ваквите сознанија скапо го чинеа 47-годишниот политичар. Двајца министри, вклучувајќи ја Џоди Вилсон-Рејбоулд поднесоа оставки, додека опозицијата бара од Трудо и тој да се повлече од премиерската функција. Згора, скандалот се одрази и врз рејтингот на премиерот кој бележи значителен пад во однос на 2015 година кога стапи на функцијата.

Моментно се водат две истраги во врска со случајот, од страна на парламентарен комитет што закажа сослушување, како и од комесарот за етика.