Дипломатскиот конфликт помеѓу Саудиска Арабија и Канада почна на социјалната мрежа Твитер, за набргу да резултира со протерување на канадскиот амбасадор од Кралството, забрана за авионски летови и со замрзнување на трговските договори помеѓу двете земји, пишува британски „Гардијан“.

Острата реакција на Саудиска Арабија беше предизвикана од апелот за пуштање на слобода на активистите за човекови права уапсени во азиската држава, преку твит објавен од профилот на Министерството за надворешни работи на Канада.

Саудиска Арабија ги прекина и програмите за образование и здравство кои ги финансираше во Канада, правејќи планови да ги премести десетиците илјади саудиски студенти и пациенти во други држави.

Според последните информации, државната банка и пензискиот фонд на Саудиска Арабија испратиле инструкции до нивните претставници за ослободување од канадскиот капитал и акции „по секоја цена“. Конфликтот ќе ја наруши и трговската размена помеѓу двете држави вредна безмалку четири милијарди долари годишно. Од друга страна, нарушените односи нема да влијаат на канадските инвестиции во азиската држава, според најавите. 

Се очекува Канада да побара помош од Обединетите Арапски Емирати и од Велика Британија во решавање на конфликтот, додека Саудиска Арабија најави дека разгледува дополнителни мерки против Канада, како и дека нема простор за посредништво во решавање на несогласувањата.

– Нема што да се посредува. Направена е грешка и грешката треба да се исправи – истакна Адел ал-Џубеир, министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија.

Познавачите на состојбите, сепак, сметаат дека акциите на Ријад не се директно поврзани со постапката на Канада, туку претставуваат порака до западните држави, оти Саудиска Арабија нема да толерира критики на нејзината домашна политика.