Ратификацијата на Преспанскиот договор во Скопје сигнализира нов почеток за Северна Македонија и за целиот регион на Западен Балкан. Двотретинското мнозинство за преименување на државата и за ревизија на Уставот е доказ на политичката зрелост на водството на државата, објавува телевизијата Еуроњуз. Грчката ратификација, пак, ќе отстрани една од последните пречки на патот за членство во Европската унија за Северна Македонија. А ќе им даде залет и на останатите земји од Западен Балкан.

Но, работата уште не е завршена. По промените во македонскиот устав и формалното усвојување на новото име, грчката влада ќе има обврска да ја ратификува спогодбата, како и да усвои документ кој ќе го отвори патот за прием на Северна Македонија во НАТО. ЕУ потоа ќе треба да го одржи ветувањето и да почне преговори за пристап со Северна Македонија, не подоцна од Самитот на Европскиот совет во јуни годинава.

Постапките на ЕУ и на Грција ќе отворат пат за интеграцијата на Северна Македонија. Згора, тие би можеле да им покажат на другите политички лидери од регионот, вклучувајќи ги оние во Србија, на Косово и во БиХ дека компромисот се исплати, исто како и жртвувањето на вкоренетите замисли за националниот идентитет со цел за осигурување на заедничка европска иднина.

Пресудно е грчкиот парламент да го ратификува Преспанскиот договор пред изборите во октомври, што би можело да се случи во наредните неколку денови, и покрај соочувањето со одредена политичка несигурност, во обликот на опозицијата што се противи на спогодбата.

Потоа ред е на ЕУ. Северна Македонија беше прва од шесторката од Западен Балкан што доби статус на кандидат за ЕУ, во 2005 година. Според сегашната ситуација, преговорите за пристап на Северна Македонија кон ЕУ, би требале да почнат најрано во јуни. Според одредена студија, Северна Македонија, моментно ја зазема пол-позицијата во однос на останатите кандидати за членство од Западен Балкан, кога во прашање е подготвеноста за воведување измени во законодавството и на исполнување на економските критериуми.

Јасно е дека Северна Македонија го исполнува својот дел од спогодбата, сега е пресудно ЕУ да го изврши својот дел. Се очекува и Грција да ги исполни своите обврски. А не е сигурно што точно ќе стори ЕУ. Одлуката за отворање на преговори со Северна Македонија ќе биде тест за способноста на Унијата да внесе позитивни промени во регионот на Западен Балкан. Европскиот совет ќе покаже во јуни дали ЕУ уште ја има таквата моќ, наведува Еуроњуз.