Северна Кореја ќе ги прекине сите линии на комуникација со Јужна Кореја почнувајќи од пладне на 9 јуни, како одговор на фактот дека Јужна Кореја испраќа пропагандни брошури, објави севернокорејската државна агенција КЦНА.

„Би-би-си“ наведува дека ќе биде прекината „жешката линија“ меѓу лидерите на двата народа, како и воените канали за комуникација.

Северна Кореја соопшти дека тоа е првата во низата активности, опишувајќи ја Јужна Кореја како непријател.

Двете држави формираа канцеларија за намалување на тензиите по разговорите во 2018 година.

Северна и Јужна Кореја се технички сè уште во војна, затоа што не беше постигнат мировен договор кога Корејската војна заврши во 1953 година.

Ким Јо Јонг, сестрата на лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, се закани минатата недела дека ќе ја затвори канцеларијата доколку Јужна Кореја не престане да испраќа летоци на север.

Таа рече дека кампањата со летоци е непријателски чин што ги крши мировните договори постигнати за време на самитот во 2018 година.

Јужна Кореја ја повика Северна Кореја да ги зачува постојните линии на комуникација меѓу двете земји, изјави портпаролот на Министерството за обединување на Јужна Кореја.

– Овие телефонски линии помеѓу југ и север се главен инструмент за одржување комуникации, тие мора да бидат зачувани во согласност со постојните договори – нагласил јужнокорејскиот претставник.