Венецуела заслужува подобра власт, но Елиот Абрамс и Џон Болтон не треба да одлучуваат за нејзиниот изглед, се наведува во колумната на „Њујорк тајмс“

Ситуацијата во Венецуела е очајна. Протестите продолжуваат, Николас Мадуро и Хуан Гуаидо го посочуваат сопствениот претседателски легитимитет и дополнителното влошување на ситуацијата би можело да создаде уште политичко насилство во државата која веќе страда од разурната економија. Нешто мора да се смени. Но, САД немаат конструктивна улога во кризата во Венецуела, се наведува во колумната на историчарот Патрик Ајбер, објавена во „Њујорк тајмс“ под насловот „САД треба да се држат настрана од Венецуела“.

Независно од ставовите за Мадуро, јасно е дека Вашингтон не е партнер од доверба за режимска промена. Постапките на администрацијата на Доналд Трамп потсетуваат на долгата мизерна историја на американските интервенции во Латинска Америка. Низ 20-от век САД честопати интервенираа во внатрешните работи во латиноамериканските држави, кои ги сметаат за дел од нивниот геополитички „двор“.

– Јас ќе ги научам јужноамериканските републики да изберат добри луѓе – кажа американскиот претседател Вудро Вилсон во 1913 година.

И други американски претседатели претпоставуваа дека знаат како да ја подобрат политичката ситуација во регионот. Но, демократијата и стабилноста ретко беа резултат на таквите претпоставки. 

За време на Студената војна се појави одреден модел. Вашингтон мобилизираше тајни извори да ги поддржи опозициите на левичарските влади. Во 1954 година, ЦИА обучи мала воена сила за симнување од власт на претседателот на Гватемала Хакобо Арбенз, кој распредели земјиште што беше во сопственост на американската компанија „Јунајтед фрут“. Во 1964 година, претседателот Линдон Џонсон беше подготвен да ѝ пружи поддршка на бразилската војска за време на воениот удар против бразилскиот претседател Жоао Гуларт, но ударот успеа и без поддршката. Во раните 70-ти години на минатиот век, администрацијата на Ричард Никсон помагаше во подривање на владата на социјалистот Салвадор Алјенде во Чиле, пред тој, исто така, да биде тргнат со воен удар. 

Во таквите случаи, промената на режимот беше славена од САД, како враќање на демократијата. Но, Гватемала го виде понишувањето на аграрните и другите реформи, проследено со децении на граѓански конфликт. Бразил имаше 21-годишна воена диктатура, а Чиле во траење од 17 години. Измачувањето и репресијата беа алатки на тие режими. 

А борците од Студената војна се вратија. Предводник на политиката на Вашингтон во Венецуела, моментно е Џон Болтон, кој служеше во администрацијата на Роналд Реган. Белата куќа назначи и специјален пратеник за Венецуела во Елиот Абрамс, кој за време на администрацијата на Реган го оправдуваше кршењето на човековите права, починето од силите обучени од САД во Средна Америка. 

– Веќе долго време сум контрареволуционер – посочи Абрамс во 1986 година.

Ако Мадуро планира да биде сметан за измачен левичар под закана од американскиот империјализам, тоа не му доликува. Милиони Венецуелци ја напуштија државата во изминатите неколку години, создавајќи регионална бегалска криза. Луѓето страдаат од глад и од недостиг на лекови и основни продукти. Економијата ослабна двојно во последните пет години, а инфлацијата достигна милион отсто минатата година. Опозицијата на владеењето на Мадуро е опфатена во сите општествени класи во државата.

Во сменетите улоги од вообичаениот модел од Студената војна, социјалистичката влада на Мадуро се потпира на насилство за да остане на власт. Кина и Русија кои уште го поддржуваат Мадуро, не се ништо помалку заинтересирани од САД за профитирање од венецуелската нафта.

Уште е нејасно колку директно САД влијаеле на одлуката на Гуаидо да му се спротистави на Мадуро. Во декември, тој се сретна тајно со официјални лица од САД, Колумбија и од Бразил, кои се управувани од десничарски влади. Но, извесно е дека поддршката за Гуаидо се протега подалеку во однос на десничарите. Гуаидо беше признаен за в.д. претседател од повеќе членки на групата Лима (тело создадено во 2017 година, со цел за барање мирно решение за Венецуела), меѓу кои се Перу, Канада, Еквадор и Аргентина. 

Дури и да се координираше Мадуро со САД, незадоволството во народот кое го предизвикува е реално. Многу Венецуелци се расположени да бараат каква било помош, дури и од администрацијата на Доналд Трамп која не е позната по непријателството кон диктатурата, односно по ангажирањето за човекови права.

Ова претставува ризик за венецуелската опозиција. Вашингтон е подготвен да пружи рака, но со тоа би можел да создаде повеќе штета отколку корист, како и повеќепати досега во минатото на Латинска Америка. 

Мадуро ќе ја искористи интервенцијата на САД да ја собере неговата преостаната домашна и меѓународна поддршка под барјакот на антиимперијализмот, правејќи паралела со претходните постапки на Вашингтон во регионот. Интервенцијата на САД би ја нарушила можноста за национално помирување што ѝ е најпотребно на Венецуела за мирна транзиција кон демократијата.

Владата која чувствува благодарност кон Болтон и кон Абрамс, нема да биде гледана со сомничавост само од левичарите во Венецуела, туку ќе биде приморана и да се повинува на ограничувањата наметнати од неоконзервативците во Вашингтон, околу прашањата за тоа кои политички фигури се сметаат за прифатливи партнери во процесот на помирување.

Ситуацијата во Венецуела е тешка, без сомнение. Но кога станува збор за Латинска Америка, Вашингтон има долго минато во кое тешките ситуации ги направи уште полоши. Токму затоа што Венецуела заслужува подобра влада, САД не треба да имаат улога во нејзиниот избор.