Обидот да се направи американска ракета за воени вселенски мисии претставува најнов фронт за враќањето на ривалството од Студената војна 

Форин полиси

Како што Русија и Кина сè повеќе им се закануваат на американските интереси на копно и во орбитата, трката која ја одбележа Студената војна повторно станува актуелна за американскиот Стејт департмент.

Најновиот фронт во новата борба за доминација во вселената е обидот на американската влада да развие домашни ракетни мотори што ќе ги зајакнат воените шпионски сателити и други сензитивни вселенски летала – индустрија која и ден денес силно зависи од Москва.

Речиси 20 години САД се потпираат на рускиот мотор „рд-180“ како неопходен дел во ракетите од националната вселенска програма. Но откако рускиот претседател Владимир Путин го анектираше Крим во 2014 година и Москва се вмеша во последните американски претседателски избори, беше ставен крај на привременото примирје по Студената војна. Американската влада сега сè повеќе ја гледа Москва како извор на нестабилност во светот, а американската воена зависност од ракетните мотори „РД-180“ како слабост.

Пентагон се најде во средината откако вселенските операции станаа сè покритични за капацитетите на САД да водат војна. Во пресрет на зголемените стравови од руски и кинески антисателитски оружја, американскиот претседател Доналд Трамп летоска ја најави неговата намера да формира вселенска сила како посебна гранка на вооружените сили. Во меѓувреме, воените лидери ги обновија напорите за изградба на вселенски сензорен штит за детектирање на проектили.

– Кина и Русија веќе се вооружија за вселената. Ние нема да седиме и да чекаме, време е и ние да преземеме чекори – изјави секретарот за одбрана Патрик Шанахан во април.

Дел од американската офанзива веќе не го користи рускиот мотор кој е составен дел од ракетата „Атлас 5“ што ја произведува Обединетата алијанса за лансирање (УЛА) која е дел од „Локхид Мартин и Боинг“. Министерството за одбрана веќе почна да ја спроведува одлуката поддржана од Конгресот за конструирање на првата ракета од целосно американско производство за потребите на американските вселенски мисии до декември 2022 година.

– Мислам дека ова е од огромна важност. Може да се каже дека вселената, неодбранлива или изложена на агресија, е нашата Ахилова пета – изјави во едно скорашно интервју извршниот директор на УЛА, Тори Бруно.

Но многумина во индустријата се сомневаат во начинот на кој американската влада ќе се наметне кај конкуренцијата, наведувајќи дека актуелните ривали имаат нефер предност. Четири компании се во трката за два актуелни тендери: УЛА, долгогодишниот изведувач во одбраната „Нортроп Груман“ и две релативно нови имиња кои се сериозни конкуренти како „Спејс екс“ на Илон Маск и „Блу ориџин“ на Џеф Безос.

За играчите од оваа индустрија, влогот е астрономски. Двата победника ќе добијат зделки за 25 летала кои чинат меѓу 100 и 150 милиони долари што вкупно би изнесувало 3,8 милијарди долари, според процените на Тод Харисон, директорот на проектот за вселенска безбедност при Центарот за стратегиски и меѓународни студии.

Од друга страна, фирмите кои ќе го загубат тендерот ќе бидат исклучени од оваа индустрија во наредните пет години. За УЛА и „Нортроп“ вселенскиот бизнис е од суштинско значење, како што смета Харисон.

Со инвестицијата од програмата на воздухопловните сили, во согласност со посебните договори наречени „јавни-приватни партнерства“, неколку компании напорно работеа да развиваат нови носечки ракети од домашно производство кои ќе ги задоволат сите потреби во американската национална безбедност.

Конкурентите за програмата за вселенската национална безбедност на воздухопловните сили (НССЛ), за која ќе бидат избрани две компании кои ќе добијат договори за 25 ракети во рок од пет години, ќе имаат рок до август да ги испратат нивните понуди. Понудата на УЛА ја вклучува новата носечка ракета „Вулкански кентаур“ која ги содржи речиси истите технологии како „Атлас 5“, но со нов американски мотор „БЕ-4“ на „Блу ориџин“. „Блу ориџин“ со посебна понуда ја претстави носечката ракета „Њу глен“ со можност за повторно користење токму со моторот „БЕ-4“. „Нортроп Груман“ ја претстави ракетата „Омега“ во која е вградена верзија на мотор на цврсто гориво, со чија помош се лансираат спејс-шатли во орбитата.

„Спејс екс“ исто така се очекува да се претстави со „Фалкон 9“, поточно новата „Фалкон хеви“ дизајнирана за поголема носивост или најновата голема ракета „Фалкон“ која сè уште не е одобрена за воени вселенски летала. Сепак, „Спејс екс“ може да се најде во неповолна позиција затоа што неодамна не ја доби финансиската поддршка од воздухопловните сили, како во случајот со другите три конкуренти, во последната рунда за тендери за развој.

Бидејќи постојат преголеми влогови, борбата меѓу конкуренцијата стана многу валкана. Некои конкуренти, наводно, тврдат дека тендерите се наместени. Во меѓувреме, одредени експерти истакнуваат дека одлуката да се ограничат добитниците на само две компании би можела да го уништи растечкиот трговски пазар.

Подготвила: Билјана Здравковска