Русија заплени три украински бродови во Керченскиот Теснец

Нема да се случи нов Крим, порача командирот на украинската морнарица Ихор Воронченко во неодамнешен разговор за Би-би-си, но земајќи ја предвид сегашната ситуација, јасно е дека Украина е во незавидна положба, а Русија ги држи сите карти во Азовското море, пренесува британскиот информативен сервис.

– Инфериорна во поглед на капацитетите и на вооруженоста, украинската морнарица не би можела да стори многу ако Русија сакаше да заземе контрола во Азовското Море. Правната позиција на Украина исто така е слаба – се наведува во анализата.

Беше предвидено водите на Азовското Море и Керчанскиот Теснец да бидат заеднички, според договорот помеѓу двете држави од 2003 година, но спогодбата не одреди јасни граници, па руските и украинските бродови се движеа слободно. Тоа функционираше до 2014 година кога Русија го анектираше Крим и ја смени динамиката на односите. Керчанскиот Теснец беше ставен под целосна контрола на Москва, која потоа го поврза и Крим со руското копно преку 19-километарски мост во мај годинава. Русија го зголеми присуството на вооружени бродови во близина Керчанскиот Теснец и во Азовското Море, за да ја засили безбедноста.

Доминантната положба на Русија резултираше со засилени контроли што создаваа застој на украинските товарни бродови, на нивната рута до важните индустриски пристаништа во Азовското Море. Застојот ги зголемил и трошоците за транспорт до 15 илјади долари дневно. Украина затоа почна да се жали за наметнатата „економска блокада“ и за прекршување на договорот од 2003 година. 

Украина се обиде да го смени односот на силите преку договор со САД за пренамена на два американски бродови, како и со испраќање на дополнителни пловила од Црното во Азовското Море, но и натаму беше во подредена положба.

Ваквиот развој на настаните доведе до испраќањето на три украински бродови во Керчанскиот Теснец кои потоа беа запленети од руската морнарица.

Командирот Воронченко повторно разговараше со Би-би-си по зголемувањето на тензиите.

– Ќе се бориме до последниот здив за нашата земја. Ќе сториме сѐ што можеме за нашата територија да остане наша. Ќе ги преземеме сите потребни мерки за да ја одбраниме и заштитиме нашата држава – категоричен е Воронченко.