Американскиот дипломат Филип Рикер го критикуваше погледот што го имаат некои лидери во ЕУ, откако Македонија и Албанија не добија датум за преговори со ЕУ.

Тој во интервју за Радио Слободна Европа рече дека одредени лидери во ЕУ имаат „поглед од 19 век“ на Западен Балкан.

Помошник државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Рикер, рече дека САД се разочарани од одлуката на европските лидери за Скопје и за Тирана.

Тој во интервјуто вели дека европската перспектива на овие земји кои сакаат да бидат дел од Унијата била клучна компонента на американската надворешна политика.

– Сметаме дека тоа е во најдобар интерес на државите, регионот и Европа и разочарувачко е да се видат одредени лидери со поглед од 19 век на Западен Балкан – нагласува Рикер во интервјуто.