Тензиите помеѓу Русија и Украина по вчерашните инциденти во Црното Море, предизвикаа поделени мислења во однос на причините за случувањата, но конфликтот веројатно им одговара на двете спротиставени страни, тврди британски „Индепендент“.

– Русија можеби стекна воена предност од директниот судир со Украина, но последиците се поголеми, бидејќи веројатно ќе следат санкции кои ќе се одразат врз економијата. А одлуката на украинскиот претседател Петро Порошенко да прогласи воена состојба веројатно оди во прилог на Кремљ – се наведува во анализата. 

Русија ја оспорува украинската верзија на настаните. Русите инсистираат дека движењето на трите украински бродови претставувало провокација, односно дека тие влегле во нејзините води. Од друга страна, руската акција претставува напад без причина за Украинците. Тие се жалат дека Русија отворила оган и ги запленила бродовите во Црното Море.

Украинските медиуми дојдоа во посед на аудио-материјалот од комуникацијата на украинските бродови, каде што може да се слушне како укрански офицер бара помош, додека во Русите, наводно, бараат од посадата да се предаде.

Водите во Азовското Море и кај Керчанскиот Теснец се заеднички според мировниот договор од 2003 година, а украинските пловила поминаа непречено по слична рута пред еден месец. „Индепендент“ посочува неколку можни причини за реакцијата на Русија.

Деновиве се одбележуваат годишнините од масовното изгладнување во Украина во 30-те години на минатиот век кое предизвика смрт на милиони луѓе, како и од мајданската револуција во 2013-2014 година. Згора, судирот уследи по неодамнешните ветувања за воена помош на Украина од Западот, па може да се протолкува како одговор на Русија, што треба да ги натера западните држави дополнително да размислат пред да се вклучат во конфликтот.

Односите помеѓу двете држави се дополнително затегнати од 2016 година, кога Русија почна да гради мост помеѓу Крим и руското копно. Азовското Море е важно за Украина, бидејќи нејзините две битни индустриски пристаништа се на крајбрежјето источно од Крим, под контрола на Киев. Дел од познавачите на состојбите истакнуваат оти инцидентот претставува обид за дестабилизирање на администрацијата на украинскиот претседател Петро Порошенко, пред изборите во март в година.

Но, аналитичарите велат дека воведувањето на воена состојба може да биде во прилог на Порошенко чија претседателска кампања се заснова на заканата од Русија. Украинскиот претседател, сепак, најави дека воената состојба нема да трае повеќе од 60 дена, со што нема да влијае на цивилните слободи и нема да ги одложи изборите.

Тензиите помеѓу двете држави растеа во последните неколку месеци, во кои Украина се жалеше оти руските крајбрежни власти се однесуваат несоодветно кон нејзините комерцијални бродови, во обид да наметнат своевидна економска блокада. Русија изутринава го отвори преминот на Керчанскиот Теснец откако вчера беше блокиран поради „безбедносни причини“.

Русија и Украина се во конфликт од 2014 година, по мајданската револуција и симнувањето од власт на украинскиот претседател Виктор Јанукович. Тоа резултираше со четиригодишна војна на истокот на Украина и руската анексија на Крим, во кои беа загубени повеќе од 10 илјади животи.