Претседателот на Италија, Серџо Матарела е целосно солидарен со нашиот став за пристапувањето на Македонија и Албанија во Европската Унија, изјави бугарскиот претседател Румен Радев од Рим.

– Сите сакаме да ги видиме овие земји на нивниот европски пат што е можно поскоро. Јас многу јасно го објаснив бугарскиот став дека ќе напредуваме кога самите земји јасно и неповратно ќе покажат дека ги исполнуваат критериумите – рече Радев.

Како што јавија бугарските агенции, тој нагласи дека моментно бугарската влада работи заедно со владата на Македонија и дека наскоро Бугарија ќе донира значителна количина вакцини за нашата земја.

– Со Пендаровски разговараме да ги поканиме учениците и студентите од РС Македонија да поминат дел од нивниот одмор заедно со нашите деца, така ќе имаме едукативна и хуманитарна програма. Ако успееме да го постигнеме ова, ќе го направиме најважниот чекор во надминување на децениската пропаганда, инсинуации и спротивставувања меѓу нашите две страни. Ако ги зближиме нашите млади луѓе, сигурен сум дека ова ќе ја неутрализира секоја пропаганда – рече Радев.