Руски патнички авион принудно слета на поле, во близина на аеродромот „Жуковски“, набрзо по полетувањето од Москва, откако птици влегле во двата мотора на леталото. Никој од 234 патници и членови на екипажот не е повреден.

Компанијата „Урал Ерлајнс“ соопштила дека нејзиниот авион полетал од Москва за Симферопољ, кога птици влегле во моторите, како и дека во инцидентот никој не е повреден, пренесе „Ројтерс“.

– Дојде до принудно слетување во „Жуковски“. Птици влегле во двата мотора. Моторите се угасиле, а екипажот ивршил слетување, еден километар од пистата – рекол Сергеј Скуратов, генерален директор на компанијата „Урал Ерлајнс“.

Тој додал дека слетувањето било направено адекватно, како и дека ветрот не го зафатил авионот и оти сите патници се евакуирани. На лице место се 20 екипи на итната помош, а ангажирани се и два хеликоптери.