Европската политика речиси во целост се „крои“ онлајн по пандемијата од коронавирусот, а со тоа во Брисел речиси останаа празни просториите на Европскиот парламент, по што беше донесена одлука дека капацитетите на објектот можат да се користат за борба против ковид-19.

– Решивме една од зградите да ја направиме достапна за болните лица и за најранливите категории граѓани во општеството за време на оваа сериозна здравствена криза – изјавил претседателот на ЕП, Давид Сасоли, преку видео-обраќање.

Една од зградите ќе биде поделена на два дела. Едниот дел ќе биде за бездомните, а другиот за оние кои ќе ги напуштат болниците, но нема да можат да се вратат во домовите.

Кујните во Европскиот Парламент ќе работат со полн капацитет.

– Секој ден, во нашите кујни ќе се подготвуваат повеќе од 1.000 оброци кои ќе се дистрибуираат на оние на кои им се потребни, вклучително и на здравствените работници. Сочувствуваме со оние кои страдаат и со оние кои работат без престан во нашите болници – додаде Сасоли.