Пресудата за Македонецот Борче Ристевски (55) според која е осуден на девет години затвор од страна на Врховниот суд во Мелбурн, за убиството без умисла на неговата сопруга Карен Ристевски, отвори повеќе прашања во австралиската јавност, за тамошниот правосуден систем, справувањето со случаите на домашно насилство, но и за задоволување на правдата, пренесуваат светските медиуми.

Згора, Ристевски би можел да биде ослободен по четири и пол години, земајќи го в обзир времето кое веќе го помина во затвор. Максималната казна за убиство без умисла изнесува 20 години, а признавајќи го злосторството, Ристевски избегна доживотна затворска казна. 

Македонецот од Мелбурн ја негираше неговата вмешаност во убиството безмалку три години, со што судијата Кристофер Бил истакна дека тој имал „измамничко однесување“, што покажало „отсуство на жалење“, додека „ја играл улогата на ужален вдовец“.

Незадоволство од пресудата изразија организациите за спречување на семејното насилство, како и од семејството на Карен, кои сметаат дека правдата не е задоволена. 

– Не добивме никаква правда денеска. Како општество, во поглед на семејното насилство, ќе заземеме цврст став. Тоа не се случи денеска – кажа Стивен Вилијамс, братот на Карен, по пресудата.

Дел од јавноста, пак, посочува дека случајот ги покажува ограничувањата на австралискиот правосуден систем.

– Денеска добивме порака оти одземањето на животот на една жена, вреди шест години во затвор од животот на еден маж. Сметаме дека ова не е правда за Карен, како и за нејзините најблиски – истакна организацијата за спречување на семејното насилство „Викторија“.

Ристевски се соочи со обвинението за убиство на тогаш 47-годишната сопруга Карен, која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон во северен Мелбурн, каде што нејзините останки биле пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година. М.Ж.