Најмалку 12 лица загинаа во поплавите и свлечиштата на Филипините, предизвикани од тајфунот Мангхут, соопштија денеска филипинските власти, изразувајќи стравување дека конечниот биланс на жртвите може да биде поголем.

– Пријавени се над 40 случаи на лизгање на земјиште во северниот регион Кордилера. Спасувачките екипи постојано пријавуваат нови штети предизвикани од тајфунот – наведе Рикардо Џалад, извршниот директор на Националниот совет за управување со ризиците.

Две жени загинаа во градот Багио при лизгање на земјиште. Нивните тела ги пронајде полицијата откако пропаднал дел од рид, поткопан од обилните дождови.

Во моментот кога вчера Мангхут ги погоди Филипините, во неговото жариште дуваа ветрови со брзина и до 305 километри на час. Подоцна движејќи се над Филипините кон јужна Кина и Виетнам, брзината на ветрови во неговото жариште опадна на околу 170 километри на час, со повремени налети до 260 километри на час.

Филипинската метеоролошка агенција информира дека иако тајфунот во текот на денов значително ослабел, состојбата и натаму е ризична, бидејќи Мангхут со себе носи поројни врнежи, кои би можеле да предизвикаат нови поплави и свлечишта.

Поплави се регистриран и во делови на Манила, а поради тајфунот над 100.000 се сметени во прифатни центри.

Од тајфунот најтешко е погоден крајбрежниот град Багао во провинцијата Кагајан на островот Лузон, која е позната по пространите полиња со насади на ориз.