Во своето обраќање на граѓанската трибина ,,На прав пат” во Штип претседателот Зоран Заев порача дека концептот на враќање пари кај граѓаните е правиот пат за развој на државата.

– Ја покачивме минималната плата, но сега отворен е процес за ново сериозно зголемување на минималната плата за сите работници. Преку реални економски политики успеавме просечната плата да ја зголемиме, за две години околу 2.000 денари. И не застануваме тука, имаме нови мерки за субвенционирање на придонесите од задолжителното осигурување за компаниите кои ќе ги покачат платите на работниците до 100 евра. Да, концептот за зголемување на платите е прав пат – порача Заев.

Тој се осврна и на мерките што ги намалуваат трошоците за живот и обезбедуваат повеќе пари за граѓаните.

– Укината е радиодифузна такса за сите, воведена е евтината дневна тарифа на струјата. Но овде во Штип дополнително е и намалувањето на цената на водата што севкупно ги намалува трошоците на домаќинствата. Со повратот на 15 отсто од ДДВ само во првите три месеци враќаме над 3 милиони евра кај граѓаните, а првото враќање ќе биде на почетокот на декември. Концептот за повеќе пари кај граѓаните е прав пат – истакна Заев.

Toj на граѓанската трибина во Штип истакана дека граѓаните од овој град имаат на што да бидат горди бидејќи Штип се гради и развива на вистинскиот, на прав пат.

– Штип е на прав, на вистински пат затоа што за помалку од две години, се изградени 10 километри водоводи и канализации, 16 километри улици и подготвен е проект за гасификација во должина од 20 километри. Еден милион евра се одвоени за нов мост на Брегалница и доградба на градската обиколница кој ќе овозможи растоварување на централното градско подрачје од сообраќај. Се гради нова модерна градинка која ќе го реши проблемот со сместувачкиот капацитет на децата, проект вреден 1.000.000 евра – посочи Заев.

Тој потенцираше дека со реализација на предвидените проекти дополнително ќе се унапреди квалитетот на живот на граѓаните на Штип.

– Животот на граѓаните овде во Штип дополнително ќе се олесни преку проектите кои се во реализација. Преку изградбата на браната Отињеа која ќе го реши проблемот со водоснабдувањето. Особено е значајно што се интензивира изградбата на Клиничкиот центар кој ќе биде важен не само за Штип, туку и за граѓаните на Кочани, Струмица и целиот источен регион – истакна Заев.