Пратениците денеска во 15 часот на свечена седница ќе го ратификуваат Протоколот за членство на Македонија во НАТО. Предвремената ратификација доаѓа откако во Шпанија е почната процедурата за ратификација, но поради нивните закони, тоа нема да се случи пред распуштање на парламентот.

Свеченоста ќе почне во Собранието во 12.45 часот, кога ќе пристигне и првиот гостин, Мирослав Туѓман, пратеник и шеф на Хрватската делегација во Парламентарното Собрание на НАТО. Освен Туѓман, на свеченоста ќе присуствуваат и Атила Местерхази од ПС-НАТО, како и Василика Хуси, потпретседателка на Парламентот на Албанија, Цвета Карајанчева, претседателка на Националното собрание на Бугарија, како и Генци Ниманбегу, потпретседател на Парламентот на Црна Гора.

На седницата ќе се обратат претседателот, Стево Пендаровски, техничкиот премиерот Оливер Спасовски, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, лидерот и пратеник на ДУИ, Али Ахмети, по што ќе се обрати координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Откако и официјално ќе се ратификува Протоколот, пред Собранието свечено ќе биде подигнато знамето на НАТО.