На дното од корпата на Флориан Ду, во локалниот супермаркет, имаше само едно пакување кобасици кое чини 5,3 евра и ништо друго, на крајот на минатиот месец, на што Французинот од Гере посочи оти „неговата плата, како и платата на сопругата ги снемало уште пред десет дена“. Тој додаде дека нивниот деветгодишен син никогаш не бил на летување, додека неговата месечна заработка од 1.300 евра се троши на плаќање на сметки, пренесува „Њујорк тајмс“. 

Како да се преживеат деновите помеѓу последните пари и идната плата на магационерот, претставуваат предизвик секој месец за ова француско семејство. Ваквиот проблем мачи многумина од жителите на Гере, што Ду го прави гневен. Токму затоа, тој ги искористил последните преостанати пари за превоз до Париз, кој е оддалечен околу 400 километри, за да се придружи на завчерашниот жесток протест на „жолтите елеци“, каде што се соочил со полициските водени топови, гумени куршуми и солзавец.

– Знаевме дека се испратени за да не тргнат. И верувајте ми, воопшто не беа фини – кажа Ду.

Флориан Ду ја троши месечната заработка од 1.300 евра за плаќање сметки

Движењето на „жолтите елеци“ претставува издувен вентил за гневот и незадоволството на работничката класа, поради зголемувањето на нееднаквостите во државата кои влијаат на секојдневниот живот. Немирите почнаа како одговор на зголемувањето на цените на горивата, со што тие се засилуваа во претходните три недели, достигнувајќи кулминација во саботата.

Со спонтано организирање преку социјалните мрежи, протестите се преселија од посиромашните рурални делови на југот на Франција, во Париз, каде што веќе не можат да бидат игнорирани.

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера направи обиколка на спомениците што беа вандализирани со графити, а ја виде и штетата на дел од најлуксузните улици за шопинг во Европа.

Макрон направи обиколка на вандализираните места во Париз

Далеку од големиот град, жителите на местата како Гере (има популација од 13 илјади), се прашуваат како да врзат крај со крај, кога ќе им снема пари околу 20-от ден во месецот. Не станува збор за длабока сиромаштија, туку за сеприсутна нелагодност во малите градови и села, во деловите познати како „другата Франција“. Токму затоа, припадници на „жолтите елеци“ можат да се забележат на блокадите поставени на патиштата што водат во Гере.

– Живееме под стрес. При крајот на месецот постојано се прашуваме дали ќе имаме доволно за да јадеме – порача поранешниот поставувач на теписи Фабрис Жирардин, кој сега заработува грижејќи се за туѓи домашни миленици.

Невработениот електричар Јоан Деку е гласноговорник на „жолтите елеци“ од Гере.

– Никогаш претходно не сум бил на политички протести. Но кажавме дека веќе е доста. Тие не знаат како се снаоѓаме со нашите мали плати. И ние сме луѓе, побогу – се пожали Деку.

Незаволните жители на малиот град не изразуваат наклонетост кон ниту еден политичар, велеќи дека „сите политичари се исти“, како и дека не им се допаѓаат одговорите на власта поврзани со ситуацијата.

– Општо мислење е дека политиката на Макрон ја фаворизира урбаната класа, на штета на луѓето од руралните делови на Франција. Тој затоа е сметан за „претседател на богатите“, и покрај неговите програми за борба против сиромаштијата, реформа на болничката нега и подобрување на училиштата, кои наидоа на одобрување. За значителен проблем се смета невработеноста која изнесува високи девет отсто за Франција, додека даноците за горивата беа последна сламка – наведе европското издание на интернет-порталот „Политико“.