Полскиот претседател, Анджеј Дуда, прогласи вонредна состојба во делови од двата региона што се граничат со Белорусија, како одговор на големиот прилив на мигранти од соседна Белорусија.

Европската Унија го обвинува белорускиот претседател Александар Лукашенко дека користи мигранти од земји како што се Ирак и Авганистан за „хибридна војна“ за да изврши притисок врз Унијата да ги повлече санкциите воведени против Минск.

Полска се обидува да ја зацврсти својата граница со изградба на жица и распоредување дополнителни војници.

– Ситуацијата на границата со Белорусија е тешка и опасна – рече портпаролот на претседателот Блажеј Спичалски на прес-конференција.

Само во август имало 3.500 обиди за илегален премин на границата

– Ние сме одговорни за нашите сопствени граници, но и за границите на Европската Унија. Затоа, мораме да преземеме мерки за да ја обезбедиме безбедноста на Полска и ЕУ – додаде тој.

Полската гранична стража во средата објави дека регистрирала 3.500 обиди за илегален премин на границата само во август, од кои 2.500 успеала да ги спречи.

Владата нагласи дека мора да биде подготвена за можни „провокации“ за време на воена вежба на територијата на Русија и Белорусија во близина на границата со Полска. Воената вежба ќе почне на 10 септември.

Илјадници војници, вклучително и Казахстанци, како и тенкови, артилерија и авиони, ќе учествуваат во вежбата „Запад-2021“.