Еден полицаец пукаше од пиштол за време на протестите во Хонгконг, што е прва употреба на оружје откако почнаа протестите во јуни.

Демонстрантите ја гаѓаа полицијата со молотови коктели и со камења. Во судирите приведени се 36 демонстранти, а најмладиот меѓу нив има само 12 години.

По завршувањето на маршот група радикални демонстранти ја зазедоа главната улица, а полицијата употреби солзавец. Демонстрантите почнаа да фрлаат камења и молотови коктели, додека еден полицаец пукаше во воздух со цел да ги запре напаѓачите.

Полицијата употреби и водени топови за растерување на толпата.

Вчерашните протести во Хонгконг беа најнасилни од јуни, кога демонстрантите првпат побараа повлекување на законот со кој се предвидуваше можност граѓани на Хонг Конг да бидат екстрадирани во Кина. Во меѓувреме законот е повлечен, додека протестите продолжија со барања за оставка на локалната Влада.