Од Центарот за управување со кризи информираат дека се активни пожари во неколку општини. Утрово по интервенцијата на двата армиски хеликоптери, пожарот кај с.Раовиќ во општина Сарај беше локализиран, но истиот околу 15 часот повторно се активирал на три места за што веднаш се запознаени БППЗ на Град Скопје.

– Пожарот на отворен простор помеѓу селата Барово и Вешје во Општина Демир Капија и натаму е активен и се прошири кон висорамнината Витачево кон село Страгово во Општина Кавадарци. На рамниот дел пожарот е изгаснат на фронт околу четири километри и засега висорамнината Витачево е безбедна. Пожарот е навлезен во шума во селото Барово, во место викано Балдовец, каде што теренот е стрмен и карпест и нема пристап и начин на приближување за гаснење за што се бара и интервенција од воздух – информираше портпаролката на ЦУК, Надица Вчкова.

Од околу 14 часот нов пожар е забележан во атарите на селата Грумази и Ивени, општина Новаци, каде гори сува трева и нискостеблеста шума. Постои опасност да биде зафатена и високостеблеста букова шума. Запалена е и депонија во Радовиш и на истата се интервенира

Од утрово пожар е забележан и над с.Црвена Вода кон Планинарскиот дом Китка, каде гори букова, дабова и мешана шума на неопределена површина. Интервенираат од ШС Караџица и истиот во моментов е под контрола и не се шири.