Њузвик

Автор: Крег Консидин

Светот гледаше како гори Богородичната црква во Париз во катастрофалниот пожар кој речиси ја уништи 850-годишната готска катедрала. На оддалеченост од нешто повеќе од 4.800 километри, во џамијата Ал акса во Ерусалим, исто така, изби пожар.

Пожарот во Ал акса доби помало медиумско внимание, но тоа што се случи со 984-годишната џамија го привлече нашето внимание за двете важни места во христијанството и во исламскиот свет. Иако пожарите се голема трагедија, тие сепак им даваат можност на христијаните и на муслиманите да се сетат на човечноста и меѓусебно да си помогнат во обновувањето на верските храмови.

Покрај катедралата Св. Петар во Рим, Богородичната црква во Париз се смета за едно од најсветите места во христијанскиот свет. За муслиманите Ал акса е третото најсвето место во исламот, покрај големата џамија Месџид ел-Харам во Мека и џамијата на пророкот Месџид ан-Набави во Медина.

За среќа две од католичките свети мошти од Богородичната црква, поточно Исусовиот венец и делови од крстот, го преживеаја катастрофалниот пожар. Ниту еден медиум не пренесе за штетата на Ал акса изградена на Ридот на храмовите, за муслиманите познат како Харам еш-Шариф.

Значењето на двата пожари ја надминува самата архитектонска градба на светите храмови. Богородичната црква и џамијата Ал акса ги симболизираат предизвиците и надежите на христијаните и на муслиманите низ историјата. Со векови Богородичната црква важеше за центар на христијанството на европскиот континент. Ал акса е местото каде што муслиманите веруваат дека пророкот Мухамед бил пренесен за време на неговото Ноќно патување. За муслиманите, Ал акса не е само најимпресивната џамија во светот, туку и претставува траен симбол на исламската вера во светата земја.

Со векови, Богородичната црква претставуваше трофеј за странските, револуционерните и секуларните сили што ја притискаа црквата да се потчини на нивната волја. Откако камен-темелникот го постави папата Александар Трети во 1163 година, во црквата беше крунисан англискиот крал Хенри Шести во 1431 година, потоа во неа се инфилтрираа француските калвинисти во 1540-тите години, претрпуваше напади од француските револуционери во 1790-тите години, кои ја предадоа црквата на „Култот на разумот“, и секако беше сведок на подемот на нацизмот за време на Втората светска војна. Богородичната црква, исто така, беше местото каде што Наполеон Бонапарта се самопрогласи за император и каде што Ватикан ја прогласи за светица француската хероина Јованка Орлеанка, во 1909 година.

Готската катедрала истрајала низ добри и лоши времиња. Зданието претставува многу повеќе од христијански идентитет, таа служи како потсетник на волјата на францускиот народ да истрае и ги претставува неговите аспирации за Франција, како и на човештвото и на христијанството.

Сличен симболизам имаат муслиманите за нивната џамија Ал акса. Таа е повеќе од обичен храм во кој се одржуваат пет молитви во денот. Исто како Богородичната црква, Ал акса има сложена историја на верска тензија, војувања и окупација. Првично изградена од калифот Омар врз темелите на поранешен византиски објект, Ал акса беше замислена како продолжение и усовршување на јудаизмот и христијанството. Неколку муслимански династии, од Омејадите и Абасидите до шиитските Фатимиди, управуваа со Ал акса во раните векови од Исламската империја.
Во 11 век, Селџуците, сунитската група од Централна Азија, ја освоиле џамијата, но Крстоносците им ја одзеле кога тргнале во поход од Западна Европа. Во раниот 16-ти век, османлискиот султан Селим Први го освоил Ерусалим и ги потчинил Мамлуците, а османлиските Турци ја имале власта до Првата светска војна, кога Ерусалим ѝ бил предаден на британската империја. Денес Ал акса се наоѓа на израелски окупирана територија, што е причина за многу тензии за палестинските муслимани, како и за поширокиот муслимански свет.

Пожарот во Ал акса ги разгоре чувствата меѓу муслиманите кои се слични со оние на христијаните кои го гледаа пожарот во Богородичната црква. Двете свети места ја покажуваат разновидноста на христијанството и на исламот, како и добрите и лошите страни на човештвото. Овие светилишта го симболизираат бојното поле на цивилизациите, славата на револуциите, создавањето на државите и на империите, како и борбата за слобода и независност на угнетените народи.

Во моментов се празнува Светата недела во католичката вера. Католиците и протестантите во Франција и ширум светот се подготвуваат за Велики петок и Велигден. За неколку недели ќе започне месецот на постот на муслиманите пред Рамазан. Пожарите во Богородичната црква и во Ал акса даваат можност на христијаните и на муслиманите да се сетат за важноста на верата, како и на постигнувањата на нивните предци. Можеби, уште поважно е што христијаните и муслиманите имаат шанса меѓусебно да се поддржат во обновата на нивните свети храмови.

Како што Богородичната црква и Ал акса служат како потсетници, така христијаните и муслиманите имаат многу повеќе заеднички нешта, отколку верувањето во монотеистичка религија, или можноста да се молат во едни од најспектакуларните верски храмови. Христијаните и муслиманите се борат, жалат, се надеваат и се молат како и останатите луѓе во тешки времиња.

Подготвила: Билјана Здравковска