САД изразија негодување за неисплонетите ветувања на Ангела Меркел

Откажувањето на германската канцеларка Ангела Меркел од заложбата на нејзината држава за зголемување на трошоците за одбрана на два отсто од БДП до 2024 година, дадена во 2014 година, наиде на остра реакција од САД, а би можело да предизвика и несогласувања во НАТО.

– Кажавме дека сакаме да достигнеме 1,5 отсто до 2024 година. И тоа е наша одредба – кажа Меркел во текот на панел-дискусија во Стралсунд.

Американскиот амбасадор во Берлин предизвика тенизии минатата недела откако најави дека САД би можеле да ги повлечат трупите од Германија доколку Берлин продолжи со неисполнување на обрската за зголемување на буџетот за одбрана.

Посветеноста на Германија кон НАТО веќе се доведуваше во прашање наспроти бројните ветувања за зголемување на трошоците за одбрана во последната деценија.

Најбогатата европска членка на НАТО потроши 50,2 милијарди долари на одбрана минатата година, што е зголемување од 4,6 милијарди во однос на 2017 година, но тоа сепак, претставува 1,23 отсто од нејзиниот БДП. Членките на Алијансата, уште пред пет години се обврзаа дека ќе трошат два отсто од БДП на одбрана до 2024 година. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во повеќе наврати беше запрашан дали Германија навистина е посветена да ги зголеми вложувањата во одбраната.

– Германија, заедно со другите сојузници, се согласи кон обврската за вложување за која беше одлучено во 2014 година. Секако дека очекувам сите сојузници во НАТО да ја исполнат обврската, вклучувајќи ја и Германија, бидејќи претставува наш безбедносен интерес – истакна Столтенберг.

Познавачите на состојбите во НАТО претходно изразија сомнежи и за воените капацитети на Германија.

– Германците избраа да станат воено импотентни во изминатите 25 години. Триесет и девет од вкупно 128-те германски воени авиони „еурофајтер тајфун“ биле исправни за служба во 2017 година, додека едвај една четвртина од постарите модели биле употребливи. А весникот „Шпигел“ извести дека Германија има ракети само за вклучување на четири авиони во борба. Германската војска се соочува и со недостаток на кадар, односно со недостаток на 21 илјада офицери – беше наведено во колумна во магазинот „Дифенс њуз“.