Републиканците не можат да обезбедат поддршка во Конгресот за клучната реформа со која би се прекинало спорното раздвојување на семејствата на илегалните мигранти и повторно го одложија гласањето што требаше да се случи денеска.

Гласањето првично требаше да се случи вчера, но беше одложено за денеска, па сега е повторно одложено најмалку до следната недела.

Републиканците имаат мнозинство во Конгресот, но се поделени по прашањето на имиграцијата, а ситуацијата ја заостри раздвојувањето на повеќе од 2.300 деца од нивните родители кои во САД влегле без лични документи.

Судбината на стотици деца без документи одвоени од родителите и натаму е нејасна, иако во средата претседателот Доналд Трамп попушти пред критиките и ја потпиша извршната уредба дека одвојувањето на децата од родителите повеќе нема да се повтори.