Историските спорови помеѓу балканските нации ретко добиваат постојано решение. Во повеќето случаи засегнатите држави доаѓаат до привремени солуции, како на пример, барањето меѓународна арбитража, или пак потполно ги игнорираат несогласувањата држејќи се до сопствените убедувања, како во случајот со Грција и Турција за кипарското прашање, пишува „Форин полиси“.

Дел од несогласувањата датираат уште пред повеќе од еден век, други пак од периодот на војните од поранешна Југославија од 90-те години на минатиот век. Но, во последните неколку години има голема награда која ги примамува овие држави да ги решат меѓусебните проблеми – можноста за приклучување кон Европската Унија. Досега, ова им успеа на Словенија и на Хрватска, додека останатите републики од СФРЈ уште се далеку од Унијата, исто како и Турција и Албанија.

ЕУ се смета за „ветена земја“ за поголем дел од помалите и неразвиени држави кои поминуваат низ тежок период на транзиција кон демократијата. Можноста за воспоставување на ефикасно владеење на законот и функционална пазарна економија, исто така претставува мотив за оставање на минатото зад себе.

Но, при споровите на Балканот, државата која е во Унијата го користи членството во ЕУ за да стекне предност во однос на онаа која бара прием во ЕУ. За прием во Унијата потребна е едногласна согласност на сите членки, по добивањето на препорака од Европската комисија и одобрување од Европскиот совет за државата-кандидатка.